Главна секција ЕСМ и Адора постигнаа договор за закуп на скопските топлани

ЕСМ и Адора постигнаа договор за закуп на скопските топлани

Фото: ri на Pixabay

АД Електростопанско на Северна Македонија (ЕСМ) и АДОРА постигнаа договор за закуп на топланите кои се во сопственост на АДОРА, кои ќе се користат од страна на АД ЕСМ во процесот на обезбедување парно греење за градот Скопје.

„Договорот за закуп е со трајност за времетраење на грејната сезона 2022/23г. Закупнината е дефинирана според постоечката цена утврдена од РКЕ“, се вели во соопштението на АД ЕСМ.

Тие додаваат дека двете компании покажале општествена одговорност и свесност за моментот во однос на потребите на граѓаните на Скопје и постигнат е договор сите прашања кои претставуваа предмет на дискусија да се апсолвираат во следниот период.

Инаку, грејната сезона во Скопје треба да започне на 15 октомври, а на централно парно греење се вклучени околу 60.000 потрошувачи на главниот град. Испораката на топлинска енергија може да почне и порано, во периодот по 1 октомври, ако средната дневна температура е 12 или под 12 целзиусови степени.

Од државната компанија АД ЕСМ треба допрва да соопштат дали скопските топлани во претстојната грејна сезона ќе користат природен гас или мазут за производство на топлинска енергија, како и дали ќе се најде гас за непречено функционирање на комбинираната електрана ТЕ-ТО.