Свет Балкан Ердоган обвини американски генерал дека е на страната на пучистите

Ердоган обвини американски генерал дека е на страната на пучистите

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ги критикуваше забалешките на американскиот генерал Џосеф Вотел околу неуспешниот обид за државен удар и го обвини генералот „дека е на страната на заговорниците“, јавуваат светските медиуми.

Генералот Вотел, кој е на чело на Централната команда на вооружените сили на САД, вчера изјави дека затворањето на некои воени лидери може негативно да влијае на турско-американската воена соработка.

„Ние со сигурност имавме добри односи со многу турски лидери, особено со воени лидери. Јас сум загрижен какво ќе биде влијанието на овие настани врз односите во иднина“, изјави вчера Вотел.

Турскиот претседател, во својата реакција денеска, изјави дека Вотел треба да ѝ биде благодарен на Турција за обезбедувањето на демократијата.

„Вие не сте повикан да носите таква одлука. Кој сте Вие? Треба да си го знаете Вашето место! Застанувате на страната на заговорниците на пучот, наместо да ѝ бидете благодарни на оваа земја за спречување на обидот за пуч… Ние се грижиме за нашата иднина. А за што се загрижени овие господа? Дали бројот на притворени и уапсени ќе се зголеми. Ако се виновни, бројот ќе се зголеми“, изјавил Ердоган, пренесува „Би-би-си“.

Од турското министерство за внатрешни работи соопштија дека бројот на притворени, по неуспешниот обид за државен удар, до денеска изнесува 18.000 лица.