Свет Европа Ендру Тејт и неговиот брат се приведени во Романија по налог на...

Ендру Тејт и неговиот брат се приведени во Романија по налог на Велика Британија

Тејт и неговиот брат Тристан биле приведени вчеравечер под обвинение за сексуални престапи и експлоатација на луѓе во периодот меѓу 2012 и 2015 година, што тие ги негираат

фото: Anything Goes With James English, CC BY 3.0 , via Wikimedia Commons

Онлајн инфлуенсерот Ендру Тејт и неговиот брат Тристан се во 24-часовен притвор во Романија, по британска потерница, изјави нивниот претставник за односи со јавност, а пренесоа неколку светски медиуми.

Гардијан јавува дека апелациониот суд во Букурешт денеска ќе одлучува дали ќе ги екстрадира браќата во Обединетото Кралство.

Тејт и неговиот брат Тристан биле приведени вчеравечер под обвинение за сексуални престапи и експлоатација на луѓе во периодот меѓу 2012 и 2015 година, што тие категорично ги негирале.

Романската полиција соопшти дека европските налози за апсење на двајцата мажи биле издадени од британските институции, односно од судот во Вестминстер.

Ендру Тејт и неговиот брат живеат во Романија каде ги очекува судење по обвиненијата за силување, трговија со луѓе и формирање криминална банда за сексуална експлоатација на жени. Браќата ги негираат сите обвинувања.

Во романското обвинение објавено во јуни минатата година, покрај браќата Тејт, беа именувани и две романски соработнички, а идентификувани се седум наводни жртви.

„Оваа збунувачка обнова на децениските обвинувања ги остави браќата Тејт длабоко вознемирени. Тие категорично ги отфрлаат сите обвиненија и изразуваат длабоко разочарување што ваквите сериозни обвинувања воскреснуваат без суштински нови докази“, соопштија од ПР тимот на Тејт.

Британско-американскиот поранешен кикбоксер Ендру Тејт собра значителен број следбеници на социјалните мрежи. Претходно му беше забранет пристап на различни платформи поради изразување на мизогени ставови и говор на омраза.

Тинејџери од Романија раскажуваат како им пристапил контроверзниот инфлуенсер Ендру Тејт