Тинејџери од Романија раскажуваат како им пристапил контроверзниот инфлуенсер Ендру Тејт

Anything Goes With James English, CC BY 3.0 , via Wikimedia Commons

Дарија Гуса од Романија имала само 16 години и била сè уште во средно училиште кога добила приватна порака на Инстаграм од познатиот инфлуенсер Ендру Тејт, речиси 20 години постар од неа. Таа е една од двете тинејџерки кои за Би-би-си опишале како контроверзниот Ендру Тејт и неговиот брат Тристан им пристапиле на Интернет, очигледно користејќи стандарден пристап.

„Пишуваше само ‘Романско девојче’ и имаше ставено флертувачка емотикона. Бев збунета затоа што имав само 200 следбеници и профилот ми беше приватен“, раскажува Дарија и додава „Очигледно беше дека сме средношколки. Ние го имавме ставено нашето средно училиште во биографијата. Мислам дека тој само се обидуваше да најде девојчиња што се што е можно поневини или наивни, според мене“.

Дарија споделила принтскрин од пораката со новинарот на Би-би-си. Таа никогаш не одговорила на пораката на Тејт, но вели дека некои од нејзините пријатели го направиле тоа.

Дарија, која сега студира на универзитет во Обединетото Кралство, е ќерка на истакнат романски политичар и затоа се чувствувала способна јавно да зборува за случајот кога другите одбиваат да го сторат тоа.

Браќата Тејт во моментов се во 30-дневен притвор во Романија, додека полицијата ги истражува наводите за силување и трговија со луѓе, а кои двајцата мажи ги негираат.

Како што пишува Би-би-си, во видео објавено на интернет, Ендру Тејт се чини дека ги поучува другите мажи како да им пристапат на жените на социјалните мрежи.

„Според моето искуство, она што предизвикува интриги и ги инспирира да одговорат е…прашувам каде се. Понекогаш за интрига ќе ставам сосема бесмислена емотикона на крајот – цреша, портокал или јагода“, вели Тејт во видеото.

Дарија раскажува дека, откако ги споделила своите искуства, многу млади мажи ја обвиниле дека лаже. Таа вели дека многу мажи на нејзина возраст го идолизираат Ендру Тејт, кој има 36 години.

„Ова е голем проблем, бидејќи не смееме за 20 години да се разбудиме со два милиони Ендру Тејта“, вели Дарија.

Ендру Тејт во своите изјави опишуваше дека неговата работа била да запознае девојка, да излезе на неколку состаноци, да спие со неа, да направи таа да се заљуби во него, да почне да прави сè што тој ќе ѝ каже и да ја донесе до веб-камерата за да станат богати заедно.

„Водам студио за веб-камера повеќе од една деценија. Над 50 отсто од моите вработени всушност беа мои девојки во тоа време и, од сите мои девојки, ниту една не беше во индустријата за забава за возрасни пред да ме запознае“, раскажуваше Тејт.

Тој претходно изјави дека никогаш не би се запознал со жена што има повеќе од 25 години.

Друга девојка која инсистирала Би-би-си да ја претстави под лажното име Габриела, имала 17 години кога братот на Ендру, Тристан, ја контактирал на социјалните мрежи. На новинарот му ја покажала пораката која гласела „Ти си убава“.

„Знаев дека го користи истиот пристап со другите девојки. Тој секогаш го започнува разговорот со иста реплика – ‘Убава си’“, вели Габриела.

Во свое видео на интернет, Ендру Тејт вели дека фразата „убава си“ не била лоша како за почеток и била совршен пример за разговор.

Би-би-си пишува како братот на Ендру Тејт го користел истиот пристап при комуникацијата со Габриела, како што Тејт во своите видеа ги советуваше мажите.

Откако ќе утврди каде е девојката или жената, Ендру Тејт ги подучуваше мажите да прашаат „Зошто никогаш не те гледам? Каде се криеш“.

„99 отсто од нив велат дека не се кријат“, вели Тејт во видеото.

Габриела вели дека Тристан ја поканил да излезат со неговиот автомобил на забава, но таа одбила. Принтскринот од нивната комуникација покажува дека разговорот ненадејно завршил откако Габриела објавила видео за Тристан на социјалните мрежи.

Би-би-си пишува дека нема ништо незаконски во тоа што браќата Тејт ги контактирале девојките на возраст од 16 или 17 години преку Интернет, но сведочењата на младите жени, заедно со коментарите на Ендру Тејт во видеата на Интернет, сугерираат однапред испланиран метод на започнување контакт.

Според сликите до кои новинарите добиле пристап, се чини дека пораките навистина биле испратени од профилите што ги користеле Ендру и Тристан Тејт пред да бидат забранети од Инстаграм.

Во моментов сè уште не е покренато обвинение против браќата. Нивниот 30-дневен притвор треба да истече за нешто повеќе од една недела.

Ендру Тејт и неговиот брат Тристан беа приведени во декември во предградие на романскиот главен град Букурешт, како дел од истрагата за наводите за трговија со луѓе и силување.

Непосредно пред неговото апсење, Тејт се скара со еколошката активистка Грета Тунберг на Твитер. Тој тврдеше дека има 33 автомобили и рече дека ќе ѝ испрати список на нивните „огромни емисии“ на стакленички гасови.

Во меѓувреме, полицијата заплени неколку од луксузните автомобили од имотот на британско-американскиот инфлуенсер. Меѓу запленетите автомобили се Ролс-Ројс, БМВ и Мерцедес-Бенз.