Видео Екстрадиран осомничениот за двојното убиство во охридскиот локал „Император“

Екстрадиран осомничениот за двојното убиство во охридскиот локал „Император“

Албанските власти вчера, на граничниот премин Ќафасан, на македонската полиција ѝ го предале осомничениот за двојното убиство во охридскиот ресторан „Император“, кој по неколкумесечно бегство, кон средината на февруари оваа година беше уапсен во Албанија и до моментот на неговото спроведување во земјава, се наоѓаше во екстрадиционен притвор.

Како што соопштуваат од МВР, осомничениот Б.П. (31), по преземањето од албанските власти, веднаш бил спроведен во Истражниот затвор во Скопје.

Двојното убиство за кое се товари Б.П. се случи на 21 август минатата година, на летната тераса на угостителскиот објект „Император“ во Охрид.

Според МВР, осомничениот тогаш со неколку истрели од пиштол ги усмртил Ромео Ѓ. (38) и Васил Р. (56), и потоа избегал.

Кратко време по крвавиот настан, полицијата го приведе Р.С. (30) кој му помогнал на осомничениот во бегството.

Против двајцата тогаш беа поднесни кривични пријави за убиство и за недозволено изработување, држење и тргување со оруже и со распрскувачки материи.