Свет Европа ЕК: Потребни се уште 330 милиони евра за справување со бегалската криза

ЕК: Потребни се уште 330 милиони евра за справување со бегалската криза

Европските земји треба да обезбедат дополнителни 330,7 милиони евра во буџетот на ЕУ за да се исполни ветеното од договорот за бегалската криза, соопшти денеска Европската комисија.

Комисија денеска предложи измени и дополнувања на буџетот за финансирање на овие мерки, но националните придонеси во европската каса се чест извор на несогласувања меѓу Брисел и членки на Унија.

– Ќе продолжиме да работиме на донесување заеднички, европски решенија – рече претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Средствата ќе бидат комбинирани со 70,6 милиони евра кои ЕУ ги намени за итна помош за најзагрозените земји, за ангажирање 120 лица за пограничната агенција Фронтекс, Европол и Европската канцеларија за азил, но и со дополнителната помош за земјите надвор од европскиот блок во кои пристигаат сириските бегалци.

Покрај тоа, Европската комисија планира да испрати дополнителни 400 милиони евра помош на земјите кои не се членки на ЕУ и на хуманитарни организации кои се ангажирани во кампови за бегалци, особено на Високиот комесаријат за бегалци на ОН и на Светската програма за храна.

Владите на ЕУ и Европскиот парламент треба да дадат одобрување пред поголемиот дел од 801,3 милиони евра да бидат испратени. Европската комисија ги повика двете страни да ја забрзаат постапката за донесување одлука.