Македонија ЕК: Нема опција за исфрлање на Грција од шенген-зоната

ЕК: Нема опција за исфрлање на Грција од шенген-зоната

„Не постои план за исклучување на Грција од шенген-зоната, не е разговарано за суспендирање, ниту исклучување на членка на шенген-зоната. Такви опции нема според сегашните правила“, рече портпаролката на Европската комисија, Наташа Берто, одговарајќи на новинарско прашање за можното исклучување на Грција од шенгенската зона и за зајакнувањето на контролите на границата со Македонија.

– Сепак, разговараме за можностите што постојат во согласност со Договорот од Шенген, користење на членовите 19 и 26, како што претседателот на Европската комисија неодамна напиша, „ќе го спасиме Шенгенскиот договор со тоа што ќе го примениме Шенгенскиот договор – рече Берто.

Портпаролката се осврна и на соработката меѓу ЕУ и македонските власти и рече дека Фронтекс, во согласност со договореното на лидерската средба од октомври, од грчка страна на македонско-грчката граница врши регистрирање и земање отпечатоци од мигрантите.

– Комисијата и Фронтекс минатата недела испратија мисија во ФИРОМ, за да се утврдат финансиските и материјалните потреби на земјата и како можеме да им помогнеме, имајќи предвид дека Фронтекс како агенција, во согласност со сегашниот мандат, нема можност да врши операции во трети земји – рече Берто.

Портпаролката на Европската комисија рече дека соработката со македонските власти има цел да воспостави контрола, да го намали напливот на мигранти што доаѓаат од ЕУ и во ЕУ. Таа рече дека членките на ЕУ можат да понудат билатерална помош и оти 57 претставници од ЕУ-земјите помагаат на границата во Македонија, но истакна дека ќе биде потребна дополнителна ваква помош.