Економија „Дуинг бизнис“: Македонија на 12. место од 189 економии во светот

„Дуинг бизнис“: Македонија на 12. место од 189 економии во светот

Според најновиот извештај „Дуинг бизнис“ (Doing Business) на Светска банка, Македонија е на 12. место од 189 економии во светот.

Во областа на почнување бизнис, земјата е второрангирана, а според извештајот, тоа се должи на поедноставувањето на процедурите преку интернет-регистрацијата.

Во категоријата плаќање даноци, Македонија е на седмо место.

Угледниот меѓународен неделник „Економист“ неодамна даде сериозни забелешки во однос на рангирањето на земјите во извештајот „Дуинг бизнис“, изразувајќи загриженост поради одредени негови недостатоци.

Неделникот пишува дека поголем број земји кои високо котираат или, пак, имаат брз подем на листата „Дуинг бизнис“, во суштина се – сиромашни.

За да добијат поповолно место на листата, овие држави се склони кон странски директни инвестиции или помош, што, доколку стане цел на политиката на една влада, не е сигурен начин за водењето на националната економија.

Притоа, не се земаат предвид важни елементи на бизнис-климата, како што се безбедност, корупција, големина на пазарот, финансиска стабилност, инфраструктура и знаење.