Македонија ДС: Логично е мандатот за составување нова влада да го добие СДСМ

ДС: Логично е мандатот за составување нова влада да го добие СДСМ

По неуспешниот обид ВМРО-ДПМНЕ да обезбеди парламентарно мнозинство за избор на влада, сосема логично и легитимно е мандатот за состав на нова влада да го добие СДСМ, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.

– И покрај укажувањата на експертите и уставните решенија, мандатот да го даде на партијата или партиите што имаат мнозинство во парламентот, Ѓорге Иванов го даде мандатот на ВМРО-ДПМНЕ, со што го прекрши Уставот и овозможи огромна предност на мандатарот Никола Груевски да формира влада, но обидот остана без резултат – се додава во соопштението од Демократскиот сојуз.

Од партијата велат дека во интерес на стабилноста, националните, државните и интересите на граѓаните е да се избере влада што ќе обезбеди стабилност, владеење на правото и ќе спроведе длабоки реформи.

– Проценките се дека има мнозинство и сосема е извесно дека одговорноста за состав на нова влада ќе биде и на СДСМ, но и на другите партии. Затоа од сите партии се очекува разумно и одговорно однесување и водење сметка за државните интереси – велат од партијата.