Македонија Државата со кампањи ќе ги убедува родителите да вакцинираат

Државата со кампањи ќе ги убедува родителите да вакцинираат

Министерството за здравство, со кампањи ќе се бори против антиваксерите. Планирано е да се преземат низа активности со кои ќе се едуцираат родителите за важноста на вакцинацијата и потребата од имунизација.

За „Мета“, министерот за здравство, Венко Филипче вели дека е подготвена комуникациска и едукативна стратегија со која преку социјалните медиуми, градинките и училиштата, ќе се допре до родителите.

– Сакаме да им посочиме проверени и научно потврдени извори на информации во врска со имунизацијата. Преку општините и локалната самоуправа се планираат јавни дебати и трибини каде што сме спремни да одговориме на прашањата на родителите. Исклучително важна ни е соработката со медиумите и на тоа посветуваме големо внимание. Тие се нашиот партнер и сојузник во правилниот начин на информирање, достапноста на точни и проверени податоци и секако објективна критика ни е потребна. Само со едукација и презентирање на точни факти можеме да ги победиме анти-вакциналните кампањи и да го подигнеме опфатот на имунизација – вели Филипче.

Инаку, како што веќе е познато, а потсетува министерот, две постари вакцини се заменети со нови и современи.

– За сето ова да го овозможиме го зголемивме буџетот за имунизација за 70 отсто. Факт е дека последните две-три години опфатот постепено опаѓа, како резултат на антивакциналните кампањи, што е глобален проблем, а не само кај нас. Со овој опфат не се обезбедува колективен имунитет и можно е појава на претходно искоренети заболувања. Токму затоа, имунизацијата е еден од приоритетите на Министерството за здравство, имајќи предвид дека инвестицијата во превентивата има докажана клиничка, социјална и фармакоекономска оправданост – додава Филипче.