Главна секција Дојави за бомби испразнија училишта, хотели, трговски центри и скопскиот аеродром

Дојави за бомби испразнија училишта, хотели, трговски центри и скопскиот аеродром

Фото: ТАВ Македонија

Нови мејлови со дојави за поставени експлозивни направи денеска стасале до повеќе училишта, хотели, спортски објекти, како и до скопскиот аеродром. Како што информира Министерството за внатрешни работи, закани за бомби стасале на електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и во Фудбалската федерација на Македонија, хотел „Александар Палас“, хотел „Мериот“, трговски центар „Ист Гејт“, спортска сала „Борис Трајковски“ и Меѓународен аеродром Скопје.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, информираат во МВР.

Општина Гази Баба утрово инфомираше дека дојави за бомби стасале во скопските основни училишта „Григор Прличев“, „Наум Наумовски Борче“, „Крсте Мисирков“, „Кирил и Методиј“, „Крум Тошев“, „25 Мај“, „Дане Крапчев“ и „Наум Охридски“. Градоначалникот Бобан Стефковски соопшти дека децата се безбедно евакуирани од просториите на училиштата и дека се во придружба на наставниот кадар.

Дојавата за бомба на скопскиот аеродром го запре авиосообраќајот, но не ги откажа летовите. Во хотелот „Александар Палас“, пак, денеска во 10 часот требаше да биде отворена конференција во организација на Стопанска комора на Северна Македонија, на која требаше да се обратат премиерот Димитар Ковачевски и министрите за економија и за финансии Крешник Бектеши и Фатмир Бесими.

Во текот на вчерашниот ден беа испратени рекордни 49 дојави со закани за поставена бомба во основни и во средни училишта. МВР соопшти дека дојави стигнале до 17 основни и 22 средни училишта во Скопје, како и до 8 основни плус еден клон на училиште и едно средно училиште во Куманово.

Претходно, освен училишта во Скопје, Кавадарци и Куманово, мета на закани беа трговски центри, станбени згради, МНР, Народната банка и полициска станица во Скопје.

Министерот Оливер Спасовски вчера изјави дека во моментов нема какви било индиции за нарушување на безбедносната состојба.