Македонија Договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе биде презентиран пред...

Договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе биде презентиран пред пратениците

Фото: Мета.мк

Македонската влада информира дека претставници од Владата и членови на Комитетот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10д, вклучени во изградбата на автопатите, ќе ја презентираат документацијата и деталите од Договорот за изградба на овие два коридора, во соодветна собраниска процедура.

„Целта е, пратениците да се запознаат со содржината и сите детали од Договорот за изградба на двата коридора, кои се од нивни интерес. Презентацијата на Договорот, ќе биде спроведена пред сите пратеници од Собранието на Република Северна Македонија кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат“, стои во соопштението на владината прес-служба.

Коридорите 8 и 10д досега се најголемиот инфраструктурен проект во нашата држава, чија што вредност изнесува 1,3 милијарди евра. Со реализацијата на овој проект, предвидена е изградба на четири автопатски делници, во вкупна должина од околу 110 километри.

„Учеството на секоја институција е важно за брза и навремена реализација на овој најголем инфраструктурен проект, кој е од стратешки интерес за државата. Со изградбата на коридорите 8 и 10-д Северна Македонија конечно станува раскрсница на Балканот. Коридорот 8 е нов економски и развоен импулс на државата, можност Северна Македонија да биде на сообраќајната и економската карта на Европа“, се вели во владиното соопштение.

Инаку, и група пратеници од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ што имаат безбедносни сертификати вчера побараа владата во најкус рок до пратениците да им го достави, за како што рекоа од опозицијата, да можат совесно да гласаат „за“ или „против“ предложени измени поврзани со извршување на договорот за изградба на патните коридори.