Македонија До крајот на неделава ќе пристигнат 450 Авганистанци за привремено прибежиште

До крајот на неделава ќе пристигнат 450 Авганистанци за привремено прибежиште

Душко Арсовски, Муамет Хоџа | Фото: Влада на РСМ

Најголемиот дел од 450-те граѓани од Авганистан се очекува да пристигнат со организирани авионски летови до крајот на неделава, зависно од околностите на аеродромот во Кабул.

Станува збор за демократско, мирољубиво население, вработени и жени и деца од семејства на оние кои работеле за хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија, нагласија владините портпароли на денешната прес-конференција.

Тие нагласија дека Северна Македонија беше меѓу првите, ако не и прва која сама пристапи на САД и понуди помош за овие луѓе кои се под опасност од доаѓањето на талибанскиот режим во Авганистан.

Портпаролите истакнаа дека не постои ризик од мигрантска криза, ниту оваа хуманитарна операција треба да се поврзува со прифатниот центар за странци или мигрантските кампови на северната и јужната граница. Северна Македонија е дел од голема светска хуманитарна акција.

Трошоците за сместувањето на 450-те Авганистанци во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, сѐ до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација.