Македонија Џафери: Не само од воен аспект, туку и од економски, последиците ќе...

Џафери: Не само од воен аспект, туку и од економски, последиците ќе се одразат врз регионот и пошироко

Колку и да ни се чини географски далеку, Украина не е далеку и последиците ќе бидат далекусежни, не само од воен аспект, туку и од економски, и ќе се одразат врз регионот и пошироко во меѓународен контекст, изјави денес на прес-конференција претседателот на Собранието Талат Џафери.

Тој потсети дека ставот што неговата матична партија ДУИ го имала за време на кризата во Украина во 2014 година е непроменет и актуелен и денес.

„Ставот на Собранието и на државата е дека Украина има свој територијален  суверенитет и треба да се почитува од сите. Иако воените дејствија ескалираат, приоритет треба да има дијалогот, преговорите и разговорите, сѐ додека се исцрпат сите инстанции. На Украина ѝ припаѓа правото да може да има право на соодветен одговор како и секоја суверена земја“, изјави Џафери.

Тој додаде и дека нема разлики меѓу ставот на Република Северна Македонија и западниот свет – ЕУ, САД, и сите сили кои мислат дека е несоодветен начинот на кој е постапено во Украина.

„Советот за безбедност на ОН имаше свој став, меѓународната заедница треба да ги спроведе истите ставови. Ситуацијата е таква каква што е, ние не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме. Ова е прашање посебно за економските импликации и соодветните институции треба да преземат соодветни и превентивни мерки за да се надминат можни негативни економски влијанија“, рече Џафери.