Македонија Димовски: Нема да бидеме лицемерни како СДСМ, ќе гласаме за трите социјални...

Димовски: Нема да бидеме лицемерни како СДСМ, ќе гласаме за трите социјални закони

Координаторот на една од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, денеска на прес-конференција во Собранието ги обвини пратениците на СДСМ за лицемерност и за глумење конструктивност бидејќи на вчерашната седница на Комисијата за финансирање и буџет гласале против законот за издавање ваучери на студентите за набавка на компјутери, што го предложи опозициската партија.

Димовски додаде дека имало најави дека СДСМ ќе гласа против и за другите два закони што ги предложи ВМРО-ДПМНЕ во скаретна постапка, односно за законот за извршување и законот за зголемување на платата на полицијата, војската и на другите државни и јавни службеници за 5 отсто.

– Тоа значи дека Социјалдемократскиот сојуз ја продолжува тенденцијата на монополско однесување во Собрамието и потврува дека парламентот е на тенкото мнозинство од 62 пратеници, а не е парламент на 120 пратеници избрани од сите граѓани на Република Македонија – изјави Димовски.

Тој истакна дека без разлика на ставот на СДСМ за законите предложени од опозицијата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го потврдат конструктивниот однос и ќе гласаат за законите за минимална плата, за стечајците и за укинување на радиодифузната такса, што ги предложи Владата.

– Со тоа граѓаните уште повеќе ќе го видат лицемерниот однос на СДСМ кон потребите на граѓаните – нагласи Димовски.