Македонија Димовски: Избори може да има и ќе има

Димовски: Избори може да има и ќе има

„Слободни, фер и демократски избори може да има и ќе има. Граѓаните го заслужуваат тоа и СДСМ не смее повеќе да бега од одговорноста. СДСМ мора максимално да придонесе за тоа“, рече Илија Димовски на денешната прес-конференција како реакција на прес-конференцијата на лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

– Не станува збор за никаква еднострана одлука за распуштање на Собранието бидејќи договорот од јуни и од јули, на кој е потпишан лично Заев, предвидува избори на 24 април 2016 година. Дополнително, Собранието, со гласовите на сите партии, вклучително и на СДСМ, го донесе Изборниот закон, во кој е дефиниран изборниот датум токму за 24 април 2016 година – рече Димовски.

Тој додаде дека Државната изборна комисија веќе има утврдена методологија за прочистување на избирачкиот список, а за неа гласале сите членови на ДИК, вклучително и членовите што во ДИК се избрани по предлог на СДСМ.

– Трите партии, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА веќе одамна ја прифатија оваа методологија. Ако СДСМ денеска ја прифати методологијата, ДИК ќе може уште веднаш да почне со прочистување на избирачкиот список. Секое одложување и пазарење е свесно правење проблеми за политичката криза да се одолжи и да ескалира. Тоа е стратегијата на СДСМ. Ние веруваме во исправноста и во точноста на избирачкиот список и сме сигурни дека не постојат никакви фантомски гласачи. Ако Заев мисли дека има фантомски гласачи, сега има контрола и над ДИК и над МВР, па слободно нека истражува и нека прочистува. Ден поскоро. Нека ја прифати методологијата што ја изработи оваа државна изборна комисија и нека почне со прочистувањето уште денеска – изјави Димовски.

Според него, срамно е Заев да условува и да се пазари со оваа методолигија, а кај него е можноста сам да провери и да прочисти.