Македонија Димитров: Во Атина ќе барам помош, поддршка и разбирање

Димитров: Во Атина ќе барам помош, поддршка и разбирање

Не сум во Атина за да извршам притисок, тука за да побарам помош, поддршка и разбирање, изјави синоќа шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, во интервју за грчката телевизија „Скај“.

– Би сакал Грција да биде нашиот најголем сојузник, бидејќи ние сме соседи. Ќе бидеме тука, ќе делиме граница, а се надеваме еден ден, ако имаме заедничка европска идина, да нема повеќе граници. Затоа би сакал Грција да стане наш сојузник и би сакал да ги уверам народот, премиерот, владата дека навистина можеме да бидеме пријатели – истакна Димитров.

Тој посочи дека на средбите со грчките претставници нема да зборуваат за спорот за името, но го повтори предлогот Македонија да се зачлени во НАТО и да почне преговори со ЕУ под привремената референца бидејќи, како што рече, неопходно е државата побргу да се интегрира во овие институции за и Грција да добие сосед што ќе биде дел од нив.

Димитров рече дека двете држави треба да ја остават историјата на историчарите и да работат на подобрување на сегашноста и на иднината.

– Новата влада не се согласува со изградените споменици од претходната власт и не би сакал младите генерации во Македонија да растат со идејата дека Грција е непријател – рече Димитров.