Македонија Димитров и Бутарис разговараа за зајакнување на соработката во културата и во...

Димитров и Бутарис разговараа за зајакнување на соработката во културата и во образованието

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, кој е во работна посета на Македонија, на денешната средба се согласиле дека комуникацијата меѓу граѓаните на двете земји е од извонредно значење за зајакнување на заемната доверба и разбирање, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи.

На средбата, поконкретно, станало збор за прекуграничната соработка и за потребата од зајакнување на соработката во културата, образованието и меѓу невладините организации.

„Ова е втора средба меѓу министерот Димитров и градоначалникот Бутарис за помалку од два месеци, на која продолжија разговорите од Солун, за прашања од заеднички интерес, како и за можниот придонес на локалните власти во рамки на мерките за градење доверба и зближување на граѓаните од двете земји“, стои во соопштението на МНР.

Претходно денеска градоначалникот на Солун имаше средби со премиерот Зоран Заев и со претседателот на државата, Ѓорге Иванов.