Економија Димитар Ковачевски е нов извршен директор на „Оне-Вип“

Димитар Ковачевски е нов извршен директор на „Оне-Вип“

Димитар Ковачевски е новиот извршен директор на компанијата „Оне-Вип“ и доаѓа на местото на Никола Љушев.

Ковачевски својата успешна 18-годишна кариера ја почнал во „Македонски телеком“, каде го продолжил својот развој на менаџерски позиции, а членувал и во интернационални бренд и комуникациски комитети и во управни одбори.

Ковачевски е дипломиран економист во полето на корпоративниот менаџмент, информациски системи и на деловна процесна интеграција.

Обврските на новата функција ќе ги преземе кон крајот на декември годинава и ќе го наследи Никола Љушев, кој од функцијата извршен директор се повлекува од лични причини и одлучил да прифати нови предизвици надвор од компанијата.

Љушев беше предводник на крупните структурни промени што настанаа во телекомуникацискиот бизнис во Македонија и беше одговорен за процесот на спојување и на интеграција на трите компании.

Тој беше дел од групацијата „Телеком Австрија“ од 2007 година, како главен извршен директор најпрво на „Вип“, а потоа и на „Оне-Вип“.