Македонија ДИК го усвои упатството за теренска проверка на избирачкиот список

ДИК го усвои упатството за теренска проверка на избирачкиот список

Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница го усвоија упатството за теренската проверка на избирачкиот список. Членовите на комисија на седницата ги одбија двата предлога на Игор Милев од СДСМ и на Бедредин Ибраими од ДПА.

Милев предложи теренска проверка да се прави и по пријавите на граѓаните, откако ДИК ќе ги разгледа, а Ибраими го прифати неговиот предлог, но под услов граѓаните со пријавата задолжително да достават и документација што ќе послужи како доказ.

Седницата на ДИК сè уште трае, а членовите дискутираат за тоа дали пријавите на граѓаните да се третираат како барања или по службена должност.

Членовите на ДИК дискутираат и за основите по кои граѓаните можат да пријават нерегуларности во избирачкиот список, а кои се веќе вметнати во апликацијата за проверка на списокот објавена на интернет-страницата на ДИК.

Тие претходно информираа дека од сите пристигнати пријави од граѓани досега правната служба обработила 683.

Од Комисијата додаваат дека наредната недела ќе излезат и првите резултати од вкрстените проверки.