Подглавна секција Десетгодишната ќерка е веројатниот наследник на лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун

Десетгодишната ќерка е веројатниот наследник на лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун

Државните медиуми во Северна Кореја ја нарекуваат „најомилено“ или „најпочитувано“ дете на државниот лидер и објавуваат снимки и фотографии кои ја докажуваат нејзината зацврстена политичка позиција и блискоста со татко ѝ

Ким Ју-ае и Ким Јонг-ун, DPRK Today, Public domain, via Wikimedia Commons и Blue House (Republic of Korea), KOGL Type 1 , via Wikimedia Commons

Младата ќерка на лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, се смета за очигледен наследник на својот татко, соопшти за првпат јужнокорејската разузнавачка агенција, по шпекулациите дека севернокорејскиот владетел ја подготвува ќерка си да стане четвртиот член на династијата што ја води земјата од нејзиното основање пред повеќе од седум децении.

Интензивните меѓународни шпекулации за Ким Ју-ае, која наводно има околу 10 години, започнаа откако таа го имаше своето прво појавување во јавноста во ноември 2022 година, кога заедно со нејзиниот татко набљудуваа тестирање на ракета со долг дострел, пренесува Гардијан.

Ким Ју-ае оттогаш го придружува Ким Јонг-ун на големи јавни настани, а државните медиуми ја нарекуваат „најомилено“ или „најпочитувано“ дете на севернокорејскиот лидер, објавувајќи снимки и фотографии кои ја докажуваат нејзината зацврстена политичка позиција и блискоста со татко ѝ.

Разузнавачката агенција на Јужна Кореја ја даде својата проценка за идната улога на Ким Ју-ае, правејќи сеопфатна анализа на нејзините јавни активности и вклучувањето во државните протоколи.

На една од снимките на севернокорејската државна телевизија, висок генерал клекнува и ѝ шепоти нешто додека таа ракоплеска за време на воена парада во септември минатата година. При посета на штабот на воздухопловните сили во ноември, пак, Ју-ае е снимена како стои пред нејзиниот татко, додека и двајцата носат очила за сонце и долги кожени јакни. На новогодишната прослава на преполниот стадион во Пјонгјанг во неделата, Ким Јонг-ун ја бакна ќерка си во образот, на што таа му возврати на ист начин.

Овие сцени, пишува Гардијан, досега беа незамисливи во Северна Кореја, каде Ким Јонг-ун користи безмилосни средства за да обезбеди лојалност меѓу официјалните лица и 26-милионската популација.

Јужнокорејската Национална разузнавачка служба соопшти дека сè уште ги разгледува сите можни сценарија во однос на процесот на наследување на власта во Северна Кореја, бидејќи Ким Јонг-ун, кој во понеделникот наполни 40 години, е сè уште млад, нема познати поголеми здравствени проблеми и се смета дека има најмалку уште едно дете.

Проценката на јужнокорејската разузнавачка служба беше објавена пред жителите на два јужнокорејски острови блиску до напнатата морска граница со Северна Кореја да добијат наредба да бараат засолниште, откако С. Кореја денеска истрела артилериски гранати во морето.

Јужна Кореја им нареди на цивилите да побараат засолниште на островот, а официјален Сеул го осуди потегот, нарекувајќи го „провокативен чин“.