Дописници Денеска, за празникот Свети Наум, бродовите пловат по симболична цена

Денеска, за празникот Свети Наум, бродовите пловат по симболична цена

По повод православниот празник Свети Наум Охридски – Чудотворец (зимски), денеска бродовите „Александрија 1“ и „Александрија 2“ пловат до манастирот „Св. Наум“ по симболична цена од 100 денари.

Денеска се празнува споменот на свети Наум Охридски, кој заедно со св. Климент Охридски, бил ученик на славните светители Кирил и Методи. Тие се основоположници на охридската книжевна школа.

По завршувањето на Моравската мисија, свети  Наум и свети Климент својата благородна мисија на ширење на словенската писменост и култура ја продолжиле во областа Кутмичевица на брегот на Охридско Езеро.

Свети Наум најголемиот дел од својот живот го поминал во манастирот на јужниот дел од Охрдско Езеро, кој сам го изградил. Се упокоил во 910 година.

Неговиот гроб се наоѓа во внатрешноста на манастирот. Се верува дека поклонувањето на неговиот гроб и ден-денес донесува здравје, душевен мир и спокој.

По повод празникот посветен на свети Наум Охридски-Чудотворец, во истоимениот манастир на брегот на Охридско Езеро денеска ќе се служи света архиерејска литургија.