Можно е намалување на цената на електричната енергија за малите потрошувачи, односно компаниите коишто вработуваат 98 проценти од вработените во државата, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски објаснувајќи дека првичните калкулации што се прават врз основа на три ценовни параметри што влијаат на финалната висина на цената на струјата и кои ги утврдува Регулаторната комисија за енергетика, упатуваат кон тоа.
„Добро е што ЕСМ има доставено цена до Регулаторната комисија за од 1 Јануари 2023 година и што успеа да ги стави во употреба сите производствени капацитети. Цената којашто е понудена овозможува да нема ценовен шок за граѓаните, а според првичните калкулации овозможува дури намалување на цената за малите потрошувачи“, изјави премиерот Ковачевски.
Тој информира дека државата има определено финансиски средства и во буџетот за 2023 година во висина од 250 милиони евра за справување со економско – енергетската криза.
Ковачевски и генералниот директор на АД МЕПСО, Орхан Муртезани, денеска присуствуваа на започнувањето на градба на 110 киловати далекувод Велес-Овче Поле. Со овој објект се зајакнува квалитетот на преносливоста, стабилноста и се намалуваат загубите на високонапонска електрична енергија, што е од голем јавен интерес во услови на глобална енергетска криза.
Инвестицита е 2,3 милиони евра, а Ковачевски истакна дека проекти како овој придонесуваат за намалување на техничките загуби, обезбедуваат доверливост на мрежата, сигурност во напојувањето, интеграција на обновливи извори на енергија и стабилност на целиот електроенергетски систем во државата.
„Токму во велешко-овчеполскиот регион се и најголемите инвестиции во делот на обновливи извори на енергија, на државно земјиште во селото Амзабегово, 25 MW фотонапонска централа, на потегот Овче Поле – Штип ветерната електрична централа Богословец од 36 MW, а во најава е и изградба на фотонапонска централа кај селото Ерџелија и инвестицијата на француската Акио Енерџи во 400 мегаватна фотонапонска централа“, рече Ковачевски.