Македонија Денеска Владата ќе добие министри од СДСМ

Денеска Владата ќе добие министри од СДСМ

Денеска напладне почнува собраниската седница на која пратениците треба да ги изгласаат новите министри и заменици-министри од СДСМ, предвидено со Договорот од Пржино.

Вчера тројца министри од владата на премиерот Никола Груевски поднесоа оставка на своите функции. Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, и заменик-министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска, до Собранието ги поднеле своите оставки.

Според договорот, кој беше прецизиран на последната средба на работните групи посветена на привремената влада, со Министерството за внатрешни работи ќе раководи Оливер Спасовски од СДСМ, додека во министерската фотелја во труд и социјална политика ќе седне Фросина Ременски, исто така од опозициската партија. На местото на Арсовска-Томовска, од опозицискиот СДСМ ќе дојде Александар Кирацовски.

СДСМ, исто така, треба да ги добие заменичките позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во Министерството за финансии, на кои ќе бидат назначени Љупчо Николовски и Кире Наумов.

На денешната седница се очекува да биде пополнета и министерската позиција во Министерството за информатичко општество и јавна администрација, која остана испразнета по оставката на Иво Ивановски.