Македонија Денеска 322 нови случаи на ковид-19, пријавени се 6 починати лица

Денеска 322 нови случаи на ковид-19, пријавени се 6 починати лица

Фото: Prasesh Shiwakoti (Lomash) on Unsplash

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 2.246 тестови, а регистрирани се 322 нови случаи на ковид-19, и тоа најмногу во: Скопје – 178, Битола – 31 и Кавадарци – 19. Од вкупниот број на позитивни случаи (322), регистрирани се 42 реинфекции.

Во текот на изминатите 24 часа, регистрирано е едно починато лице од Скопје (86г), кое починало во болнички услови, а дополнително се пријавени 5 починати лица, од: Скопје (1), Гостивар (1), Куманово (1), Тетово (1) и Битола (1), на возраст од 66 години до 87 години. Тие починале во периодот од 25.02.2022 до 22.03.2022 година.

Од вкупниот број починати лица (6), кај 5 лица се регистрирани коморбидитети.

Во текот на изминатово деноноќие, регистрирани сe 308 оздравени пациенти од ковид-19.

Досега во земјава се направени вкупно 1.948.834 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 304.648, бројот на оздравени пациенти е 293.479, на починати е 9.197, а бројот на активни случаи на ковид-19 изнесува 1.972.