Економија Делегација на Стопанска комора утре на бизнис-форум во Атина

Делегација на Стопанска комора утре на бизнис-форум во Атина

Делегација на Стопанската комора на Македонија, утре ќе учествува на еднодневен бизнис-форум во Атина и на билатерални средби помеѓу македонски и грчки стопанственици, информираат од таму.

Настанот, Комората го организира во соработка со Атинската трговско-индустриска комора, во насока на интензивирање и зголемување на економската соработка помеѓу двете држави.

Во делегацијата ќе учествуваат компании-членки на Комората од повеќе различни сектори градежништвото, металната индустрија, прехранбената индустрија и трговијата.

„На бизнис-форумот компаниите ќе имаат можност да ги презентираат своите интереси за соработка и можности за инвестирање, во насока на зајакнување на деловните односи меѓу двете земји, а по завршувањето на официјалниот дел, компаниите ќе можат да остварат и директни средби со компании од соодветните дејности“, се вели во соопштението.

Во првите девет месеци, вкупната трговска размена со Грција изнесува 748,1 милиони долари, и е со пораст од 24,9 проценти во однос на истиот период лани. При тоа, остварен е извоз во вредност од 171,4 милиони долари, со пораст од 9,8 проценти споредено со лани, додека увозот изнесува 576,7 милиони долари, со пораст од 30,2 проценти.

Грција е втор трговски партнер на Македонија.