Свет Балкан „Данас“: Јеремиќ одбил да биде заменик генерален секретар на ОН

„Данас“: Јеремиќ одбил да биде заменик генерален секретар на ОН

Кандидатот на Србија за генерален секретар на Обединетите нации, Вук Јеремиќ, не го прифатил компромисот да биде заменик генерален секретар на ОН доколку се откаже од кандидатурата за прв човек на светската организација, пишува дневниот весник „Данас“, повикувајќи се на извори од дипломатски кругови во Њујорк.

Како што наведува весникот, повлекувањето на второпласираниот Јеремиќ би ослободило место за првопласираниот кандидат, Антонио Гутереш.

Понудата би требало да претставува компромисно решение во Советот за безбедност на ОН, со која донекаде ќе се уважи принципот за регионална ротација, затоа што Јеремиќ, како најдобро пласиран источноевропски кандидат, би го добил местото втор човек на ОН.

Според информациите на „Данас“, се очекува одредени постојани членки на Советот за безбедност на ОН во следниот круг на гласање, кој почнува утре, силно да лобираат кај другите кандидати од Источна Европа да ја прифатат понудата за втор човек на ОН, која би можела да биде примамлива за нив.

Покрај Јеремиќ, во трката за генерален секретар на ОН од Источна Европа се и третопласираниот Мирослав Лајчак од Словачка, петтопласираниот Данило Тирк од Словенија, кандидатката на Бугарија, Кристалина Георгиева, која сега се вклучи во трката, македонскиот кандидат, Срѓан Керим, кој на последниот круг од гласањето заврши на претпоследното осмо место, и Наталија Герман од Молдавија, која се најде на последното место.

Во трка за генерален секретар на ОН се и Сузана Малкора (Аргентина) и Хелен Кларк (Нов Зеланд).