Македонија ЦУК: Пожарот кај Делчево доби нови жаришта, гори и кај Велес, Берово...

ЦУК: Пожарот кај Делчево доби нови жаришта, гори и кај Велес, Берово и во село Буковиќ

Војник на АРМ ангажиран во гаснење шумски пожар. Фото: Генералштаб на АРМ, 3 август 2021

Пожарот во делчевскиот регион од синоќа доби нов интензитет и се прошири на две нови жаришта, селата Разловци и Тработивиште. Денеска таму ќе дејствуваат силите на Армијата, МВР, вработени во јавното комунално претпријатие од Делчево, информираат во Центарот за управување со кризи (ЦУК). Оттаму додаваат дека пожарот во село Будинарци е активен и се проширува кон општина Берово.

– Таму во моментов има 30 припадници на Армијата, 60 пожарникари од Австрија, а огнови гаси и месното население. Активен е и пожарот кај Сарај, село Буковиќ, каде од вчера мештаните и противпожарната бригада се справуваат на терен. Во Скопје има пожар и во Петровец, кој е практично префрлен од Велес на скопска територија. Во координацијата која ја имавме на главниот штаб, договорено е на тоа место да дејствува авионот на романското воздухопловство, за да се локализира. Во 8 и 15 утрово избувна пожар и во општина Студеничани, и таму има луѓе кои гасат на терен. Во 8 часот пожар избувна и во Иванковци, и таму се делува на терен – велат во ЦУК.

Во институцијата апелираат корисниците на дронови, да не користат дронови во областите во кои има големи пожари.

– Заради безбедносни причини, не треба да се снима во воздушните простори во кои има пожари, односно не треба таму да се летаат дронови – додаваат во ЦУК.