Хроника Четворица полицајци повредени во тепачка меѓу навивачки групи во Скопје

Четворица полицајци повредени во тепачка меѓу навивачки групи во Скопје

Четворица полицајци биле повредени во тепачка меѓу навивачките групи „Балисти“ и „Шверцери“, што вчера попладне се случила на стадионот „Чаир“ во Скопје, за време на натпреварот меѓу фудбалските екипи на ФК „Шкендија“ и ФК „Силекс“, информира МВР.

Според полициските информации, вчера околу 17.30 часот, на стадионот „Чаир“ дошло од нарушување на јавниот ред и мир од поголем обем со меѓусебна тепачка и насилство од страна на навивачи од групите „Балисти“ и „Шверцери“.

При интервенцијата повредени биле четворица полициски службеници, кои по укажаната лекарска помош во Градската општа болница се пуштени на домашно лекување.

Околу 20.30 часот, како што информираат од МВР, во СВР Тетово било пријавено оштетување на четири автобуси со кои се превезувале членови на навивачката група „Балисти“. Автобусите, според полицијата, биле оштетени во Скопје од членови на навивачката група „Шверцери“, кои фрлале тврди предмети кон нив.

Во инцидентот било оштетено и возило, марка „форд фокус“ со тетовски регистарски ознаки, сопственост на агенцијата за обезбедување „Секуритас М“ од Тетово, што го управувал 18-годишниот Л.С.

Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.