Главна секција Четирите комори заедно ќе реагираат против скратената постапка за Законот за личен...

Четирите комори заедно ќе реагираат против скратената постапка за Законот за личен доход

Четирите комори во државата, преку проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ кој се имплементира со поддршка на УСАИД, ќе упатат заедничка реакција што предлог-законот за личен доход ќе се усвојува по скратена постапка, најави претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески во неговата колумна објавена на „Плусинфо“.

Тој вели дека роковите за поднесување на коментари на засегнатите страни на ЕНЕР сé уште течат, а носењето на законот по скратена постапка не е одлика на партнерски однос помеѓу јавниот и приватниот сектор, каков што бизнис-секторот и Владата се стремат и јавно се залагаат да го воспостават.

Бизнис-заедницата смета дека, доколку прогресивното оданочување се реализира, истото би имало негативни последици врз целата бизнис заедница со тоа што значително ќе се зголеми сивата економија и ќе се нарушат условите под кои ќе се одвива целокупната економија во државата.

Со предлог-законот за личен доход кој Владата го испрати на усвојување во Собранието, со измените се воведува дополнителна стапка од 8 проценти, за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно.