Свет Европа Централна Грција повторно погодена од катастрофални поплави

Централна Грција повторно погодена од катастрофални поплави

Грчките власти ги советуваат граѓаните да избегнуваат непотребни патувања, а жителите поминаа тешка ноќ, без струја и вода

Претходните поплави од невремето „Даниел“ предизвикаа огромни штети во Грција; Фото: Fotis A. - Own Work, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=137455903

Невремето „Елиас“ ги погоди централните делови на Грција, и тоа само неколку недели по „Даниел“ кој зад себе остави пустош. Градот Волос, северниот дел на островот Евија и областа Тесалија повторно се погодени од поплави како последица на интензивните врнежи, пренесува весникот Катимерини.

Грчките власти ги советуваат граѓаните да избегнуваат непотребни патувања, а жителите поминаа тешка ноќ, без струја и вода. Од Противпожарната служба на Грција соопштија дека во областа Магнисија, поширокиот регион на Волос од пладневните часови вчера до денеска наутро примиле 1.200 повици, а 257 лица биле пренесени на безбедни локации.

Училиштата во неколку општини во централните делови на Грција останаа затворени, додека државните власти на приправност ја ставија опремата во случај на поплави. Силни врнежи беа регистрирани во средата, но метеоролозите предупредуваат дека невремето ќе продолжи и во текот на денешниот ден. Во четири населени места на островот Евија на сила е целосна забрана за движење.