Македонија Цените во јануари за 17,1 отсто повисоки отколку пред една година, поскапени...

Цените во јануари за 17,1 отсто повисоки отколку пред една година, поскапени повеќе производи и услуги

Фото: Mehrad Vosoughi on Unsplash

Индексот на трошоците на животот во јануари годинава, во однос на истиот месец минатата, 2022 година, бележи зголемување од 17,1 отсто, додека индексот на цените на мало, исто така, е зголемен и тоа за 13,3 отсто, информираше Државниот завод за статистика (ДЗС).

Од друга страна, пораст на цените во изминатиот месец во споредба со декември 2022 година, е забележан кај кафето, чајот и какаото и тоа за 1,9 отсто, рибата и морските плодови за 1,6 отсто, свежото и разладеното овошје за 1,2 отсто, жестоките пијалаци на 1,1 отсто, месото за 0,6 отсто. Лебот и житата поскапеле за 0,5 отсто, а шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,2 отсто.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај собирањето смет за 4,6 отсто, весниците, книгите и канцеларискиот материјал за 4,3 отсто, како и кај електричната енергија за 3,7 проценти.

Намалување на индексите на трошоците на животот, пак, во јануари годинава, во однос на декември 2022, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови и тоа за 10,3 отсто, кај маслото и маснотиите за 3,2 отсто и кај виното за половина процент.

Намалување од 23, 4 отсто, според податоците на ДЗС, е забележан и кај воздухопловниот патнички транспорт. Намалување на индексите на трошоците за живот е забележано и кај снабдувањето со вода (4,4 отсто), медиумите за снимање (3 отсто), обувките (2,6 отсто), услугите за сместување (1,8 отсто), горивата и мазивата (1,1 процент).