Свет Бурата „Харви“ го остави Тексас под вода, крајбрежјето опустошено

Бурата „Харви“ го остави Тексас под вода, крајбрежјето опустошено

Тропската бура „Харви“ го опустоши крајбрежниот дел на Тексас и до сега усмрти најмалку три лица, евакуирани се најмалку 2.000 луѓе, а повеќе стотици се без струја. На помош пристигна и американската Национална гарда.

-Состојбата е тешка, а ќе биде уште полошо – предупреди гувернерот на Тексас, Грег Абот.

За спасување на жителите од поплавените куќи ангажиранi се 40 чамци, а во акцијата за спасување учествуваат 3.000 припадници на Националната гарда, 500 возила и 14 авиони.

Моментално околу 250 патишта во Тексас се непроодни, а меѓународниот аеродром „Џорџ Буш“ во Хјустон ги откажа сите комерцијални летови, а затворен е и аеродромот „Хоби“ затоа што неговите писти се под вода.

Автобускиот сообраќај во Хјустон е привремено запрен, улиците се претворени во вирови, а следната седмица нема да работат ни училиштата.

Гувернерот Абот изјави дека штетата од поплавите би можела да чини повеќе милијарди долари.

Властите во Далас го отвориле градскиот конгресен центар кој може да прими околу 5.000 луѓе кои се евакуирани од јужните делови на Тексас.

Обилни врнежи од дожд најавени се и за следните неколку дена, а во некои делови на Хјустон се очекуваат дури и до 1.270 милиметри дожд.

Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп во вторник ќе го посети Тексас.