Свет Балкан Бунт и пожар во бегалскиот центар на Лезбос

Бунт и пожар во бегалскиот центар на Лезбос

Бавната процедура за азил во Грција предизвика нови немири во бегалскиот камп Морија на Лезбос. Група од стотина бегалци, главно од Пакистан, подметнаа пожар во дел од кампот, во кој целосно се уништени осум од вкупно 12 контејнери на Европската служба за азил.

Во кампот владее хаос и паника, пожарникарските служби се обидуваат да го стават пожарот под контрола, а присутни се и специјалните полициски сили во обид да воспостават ред во бегалскиот центар.

Вработените во службата за азил, според информациите во Грција, го напуштиле кампот кога почнал бунтот на бегалците. Нивните канцеларии, сместени во контејнери во кампот, потоа се нашле на мета на групата мигранти од Пакистан, кои почнале да ги вандализираат и да ги палат.

Бунтот на бегалците се должи на нивниот гнев и незадоволство од бавното разгледување на барањата за азил, што значи дека уште долг период ќе мора да останат заглавени во камповите во неизвесност што и како ќе се случува со нив.

Минатата недела од исти причини, разочараност што службата за азил разгледува само по пет барања дневно, бунт почнаа и бегалците во центарот во Хиос. Тие го блокираа влезот во кампот и не им дозволуваа ниту на вработените, ниту на полицијата да влезат во центарот.