Македонија Бугарските клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“ ќе треба да...

Бугарските клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“ ќе треба да ги сменат имињата

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Според новите измени на Законот за здруженија и фондации и Законот за политички партии кои вчера беа изгласани во Собранието, здруженијата и клубовите „Иван (Ванчо) Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ ќе имаат рок од три месеца да ги сменат имињата. Ако тоа не го направат во законски одредениот рок ќе бидат избришани од Централен регистар.

Измените на Законот за здруженија кои ги поддржаа и пратениците од власта ги поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ по отворањето на бугарски здруженија и клубови во Северна Македонија кои носат имиња на спорни историски личности.

Предлогот на опозицијата го поддржаа и пратениците од власта. За измените гласаа 67 пратеници, немаше против и воздржани.

Потоа и владејачката СДСМ поднесе измени на Законот за партии, со речиси идентичен текст на законот за здруженија, со кои се осудува фашизмот. И за овие измени „за“ гласаа 67 пратеници.

Измените на законот за здруженија предвидуваат во иднина да не може да се регистрираат организации со контроверзни имиња.