Македонија Бугарски „Стандарт“ со „исплашен“ наслов за реакциите на Заев и Димитров на...

Бугарски „Стандарт“ со „исплашен“ наслов за реакциите на Заев и Димитров на негаторството од БАН

Бугарскиот весник „Стандарт“ објави на својата веб-страница денеска текст со наслов „Нè плашат со крај на пријателството со Македонија“, со кој е озаглавен текст за реакциите на министерот Никола Димитров и премиерот Зоран Заев на потегот на Бугарската академија на науките (БАН) да нагласи дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

На едно место во текстот на „Стандарт“ се наведува дека вчера македонскиот премиер Заев „се закани дека властите во земјата ќе реагираат, бидејќи прашањето е дел од проблемите меѓу двете држави и Договорот за пријателство“.

Премиерот Зоран Заев даде изјава, но без закана, туку само со напомена дека иако може да се прекине процесот, тој не размислува така и дека пријателски ќе се бараат решенијата.

– Бугарија не е на чисто сè уште со нашето признавање на нашиот македонски јазик, тоа е прашање кое низ имплементација на договорот остана да го решиме. Јас можам така робусно да кажам, готово ние тука ќе прекинеме сè, но не. Тоа не е политиката која што ја водам, низ пријателство ќе ги најдеме решенијата – изјави Заев.

Дополнително, неговата најава дека преку македонското министерство за надворешни работи ќе биде упатена официјална реакција до Бугарија, исто така е далеку од закана за прекин на пријателски односи.