Свет Балкан Бугарката Марија Габриел ќе биде еврокомесар за дигитална економија

Бугарката Марија Габриел ќе биде еврокомесар за дигитална економија

Марија Габриел, која беше номинирана од Бугарија за нов еврокомесар, ќе го води ресорот дигитална економија и дигитално општество, соопшти претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, по средбата со бугарската кандидатка за нов член на „владата“ на ЕУ.

Бугарија нема свој претставник во ЕК од почетокот на годинава, откако Кристалина Георгиева поднесе оставка на функциите заменик-претседател и еврокомесар за буџет во ЕК за да ја преземе функцијата извршен директор на Светска банка.

Јункер ја потврди компетентноста на Марија Габриел за позицијата и кажа дека за одлуката за ресорот го информирал и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Како комесар за дигитална економија и дигитално општество, Габриел ќе го поддржува исполнувањето на стратегијата за единствен дигитален пазар, која беше прифатена од Европската комисија пред точно две години. Задолженијата на новата еврокомесарка се и поставување на темелите за дигиталната иднина на Европа, кои вклучуваат телекомуникациски мрежи од континентални размери, прекугранични дигитални услуги и бран на нови иновативни европски фирми.