Свет Балкан Бугарија го проширува депото за гас во Чирен, и Македонија заинтересирана за...

Бугарија го проширува депото за гас во Чирен, и Македонија заинтересирана за капацитетот

Депо за гас во Чирен. Фото: mediapool.bg, преобјавено со посебна дозвола.. Авторското право и другите права припаѓаат на mediapool.bg

Булгартрансгаз, државниот оператор за гас на Бугарија, денеска потпиша договор за проширување на депото за гас кај Чирен, на 90-тина километри северно од Софија, и се очекува зафатот да биде готов за отприлика две години, јави бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg.

Според Владимир Малинов, извршниот директор на Булгартрансгаз, капацитетот од сегашните 550 милиони кубни метри ќе се зголеми на милијарда кубни метри, а интерес за резервација на дел од новите капацитети искажале и Северна Македонија и Грција.

Со реконструкцијата и проширувањето ќе се изврши и замена на советската технологија со западна технологија, а ќе се овозможи многу побрзо преминување на режим од впумпување во режим на испумпување, за да може бргу да се реагира при потреба од внесување гас набавен по поволни цени.

Овој зафат што ќе чини речиси 310 милиони евра е дел од напорите на ЕУ за оттргнување од рускиот гас.

Северна Македонија би ги користела капацитетите во Чирен преку интерконекторниот гасовод со Бугарија, која пак се повеќе се потпира на азербејџанскиот гас.