Свет Бројот на загинати во железничката несреќа во Индија достигна 145 лица

Бројот на загинати во железничката несреќа во Индија достигна 145 лица

Бројот на жртви во железничката несреќа што се случи во индиската држава Утар Прадеш достигна најмалку 145 лица, откако спасувачките екипи ја завршија потрагата во вагоните од возот, соопштиле денеска индиските власти, јавуваат светските агенции.

Во несреќата се повредени и повеќе од 200 луѓе.

Настанот повторно на површина ги извади сомнежите за безбедносните стандарди на индиската државна железница, која е основно транспортно средство за милиони луѓе во Индија, но во која слабо се инвестира.

Полицијата соопштила дека спасувачките тимови завршиле со потрагата по тела во 14 тешко оштетени вагони, кои излетале од шините вчераутро, додека најголем дел од 500-те патници во возот спиеле.

Индискиот железнички систем, кој е од времето на колонијализмот, е четврти по големина во светот и превезува околу 230 милиони луѓе дневно. Просечната брзина на возовите на дотрајаните пруги е 50 километри на час, а несреќите се честа појава.

Претходно, индискиот премиер Нарендра Моди ветуваше дека ќе ја трансформира железницата во ефикасна и безбедна мрежа, која ќе придонесе за економски развој на земјата.