Свет Бројот на загинати во земјотресот во Непал надмина 7.000 лица

Бројот на загинати во земјотресот во Непал надмина 7.000 лица

Непалската полиција денеска потврди дека бројот на жртвите во катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата достигнал 7.074 лица, а 14.000 биле повредени, пренесуваат медиумите.

Според официјалните податоци, во земјотресот биле уништени 141.000 куќи, а оштетени биле 150.158 домови.

Како што пренесуваат медиумите, полицијата барала повеќе хеликоптери за транспорт на хуманитарна помош на стотиците илјади луѓе, кои се наоѓаат во оддалечените подрачја, до кои не може да си стигне по патиштата, кои се уништетни од свлечишта.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Непал, Лакшми Прасад Дакал, за агенцијата „Кјодо“ изјавил дека се потребни повеќе хеликоптери, околу 400.000 шатори, храна, лекови и други потребни работи.

Обединетите нации (ОН) побараа од Непал да ги олабави царинските контроли, кои, како што велат од светската организација, ја забавуваат доставата на странска помош. Непал ги укина увозните давачки за шатори и за друга стока на 1 мај, но Министерството за внатрешни работи соопшти дека сите стоки што доаѓаат од странство мора да бидат проверени.

Катастрофалниот земјотрес, со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, го погоди Непал на 25 април, по што уследија уште неколку силни потреси.