Македонија Бројот на домашни и странски туристи во јануари зголемен за 12,7 отсто

Бројот на домашни и странски туристи во јануари зголемен за 12,7 отсто

55.266 домашни и странски туристи во јануари 2020 година ги посетиле туристичките локалитети во нашата земја, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Бројот на ноќевања изнесува 109.733.

„Бројот на туристи во јануари 2020 година, во однос на јануари 2019 година, е зголемен за 12,7 отсто, а бројот на ноќевањата е зголемен за 6,9 отсто“, се вели во соопштението на Државниот завод за статистика.

Главна причина за растот во туристичкиот сектор е зголемувањето на бројот на странските посетители на нашата земја, кај кои во јануари е забележано зголемување од 20,6 отсто. Во првиот месец од годинава најмногу гости во нашата земја допатувале од Грција, Бугарија, Албанија, Косово и Турција.

Ваквиот пораст на бројот на туристи доаѓа откако Македонија лани оствари рекордна бројка на посетители – вкупно 1.184.963 гости.