Свет Европа Бројката на починати од коронавирусот се искачи на 106, инфекцијата бргу се...

Бројката на починати од коронавирусот се искачи на 106, инфекцијата бргу се шири

Досега 106 луѓе починале од последиците предизвикани од коронавирусот, а бројот на новоинфицирани се зголемува секој ден. Во Кина вчера имало 4.515 инфицирани, што е блиску до двојно повеќе од претходниот ден, кога имало 2.835, јавуваат светските новински агенции.

Во жртвите на коронавирусот е вброен и првиот случај во Пекинг и уште 24 смртни случаи за едно деноноќие во провинцијата Хубеи, каде што првпат се појави заразата со коронавирус во декември.

Досега коронавирусот е потврден кај пациенти во уште 15 земји во светот. Првиот случај во Германија беше вчера потврден во сојузната покраина Баварија, во град на 30-тина километри од Минхен.

Во градот Вухан, каде што е жариштето на инфекцијата, но и пошироко во првинцијата Хубеи, на сила е строг режим на движење, а носењето маски сега е задолжително и во Вухан и во голем број кинески градови.

Коронавирусот предизвика тешка акутна инфекција на дишните патишта и засега нема ефикасен лек или вакцина. Најголемиот број од починатите во Хубеи биле стари лица или луѓе со претходен историјат на заболувања на органите за дишење. Сепак, дури 60 инфицирани Кинези биле лекувани во болница и пуштени дома во добра здравствена состојба.

Се смета дека изворот на инфекцијата на коронавирусот во Вухан е дивеч со кој нелегално се тргувало на пазарот за морска храна и тогаш било првото заразување човек.

Во текот на викендот Кина соопшти дека коронавирусот се шири како обичниот грип, односно може да се пренесува од човек на човек, како и дека се пренесува и пред да се појават симптомите. Тоа го прави малку поопасен отколку Сарс или Ебола.

Инкубацискиот период се движи од 2 до 10 дена, појасни Светската здравствена организација, која не се согласува со Кина и вели дека уште не е утврдено дека вирусот се пренесува од човек на човек пред да се појават првите симптоми.

Заразени има и во САД (5), Тајланд (8), Тајван (5), Јапонија (4), Јужна Кореја (4), Виетнам (2), Сингапур (5), Малезија (4), Непал, (1), Камбоџа (1) Франција (3), Германија (1) Канада(1), Австралија (5) и Шри Ланка(1).

Вухан гради две нови болници, една со 1.500 кревети и друга со 1.000, за зголемениот број пациенти. Првата треба да биде завршена следната недела.