Свет Британија и Франција бараат ОН да воведат санкции за Сирија, Русија се...

Британија и Франција бараат ОН да воведат санкции за Сирија, Русија се противи

Велика Британија и Франција синоќа побараа од Советот за безбедност на Обединетите нации да донесе санкции против сирискиот режим по извештајот на ОН во кој официјален Дамаск се обвинува за напади со хемиско оружје.

Британскиот амбасадор Метју Рикрофт и францускиот Франсоа Делатра го обвинија Дамаск за воени злосторства. Американската амбасадорка Саманта Пауер рече дека Дамаск „мора да плати“ за нападите.

Истрагата на ОН првпат утврди дека сириската војска извела барем два хемиски напада во Сирија и оти групата Исламска држава употребила иперит.

Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин, соопшти дека официјална Москва не ги прифаќа заклучоците од извештајот. Тој рече дека откриено е оружјето со кое е извршено злосторството, но оти на оружјето нема отпечатоци од прсти.

Чуркин рече дека сè уште има неодговорени прашања и оти информацијата во извештајот не е доволна за Дамаск да се обвини и Советот за безбедност да му наметне санкции.

Сирискиот амбасадор во ОН рече дека заклучоците на извештајот се темелат на изјави на сведоци од терористичките вооружени групи и оти не се темелат на материјални докази, како што се тестови и медицински документи.