Македонија Брисел не сака да го коментира предлогот за медиумите на Ванхауте

Брисел не сака да го коментира предлогот за медиумите на Ванхауте

Европската комисија не сака да шпекулира за деталите од тековните преговори за законот за медиуми, изјави портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како го коментираат предлог-законот што го доставил олесувачот Питер Ванхауте, а кој не е во согласност со законите за медиуми на ЕУ.

– Продолжуваме со работата што ја правиме како Европска унија, со целосно почитување на правилата и на стандардите – изјави портпаролката на Европската комисија.

Коцијанчич истакна дека Европската комисија работи заедно со политичките лидери „да се спроведе имплементацијата на планот што тие самите го договорија и го усвоија“.

– Сметаме дека имплементација е апсолутно круцијална и затоа доставивме бројни алатки за да ја поддржиме имплементација. Работата е во тек. Временските рокови се кратки и јасни. Работата треба да продолжи, а истото се однесува и на реформиските приоритети, кои мора да се спроведат за доброто на земјата – рече Коцијанчич.