Македонија Брглез: По Црна Гора, време е Македонија да влезе во НАТО

Брглез: По Црна Гора, време е Македонија да влезе во НАТО

Фокусот од Црна Гора го префрламе на Македонија, сега е време Република Македонија да влезе во НАТО, порачал претседателот на словенечкиот парлемент, Милан Брглез, на средбата со премиерот Зоран Заев.

„Ви честитам за сè што постигнавте по политичката криза и за успешните позитивни промени што се случуваат во државата, во односите со соседите и на меѓународен план. Добро е да се види некој со визија, кој сака и може да ги движи процесите напред“, рекол Брглез, стои во соопштението на владината прес-служба.

Заев на средбата се заблагодарил на пријателската и конструктивна поддршка и го информирал претседателот на Државниот збор на Словенија за спроведувањето на реформите од планот „3-6-9“.

– Го заокружуваме успешно првиот дел од реформскиот план „3-6-9“. Владата и институциите, во соработка со граѓанското општество и со пријателите на Македонија од ЕУ и од НАТО, работат посветено за да осигураат квалитетен живот на граѓаните и заедно со добрососедската и регионална соработка да ги реализираат стратешките евроатлантски цели – рекол Заев.

Премиерот ги повикал словенечките бизнисмени да се охрабрат и да инвестираат во Македонија, бидејќи има заедничка согласност за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји.

Брглез, кој денеска е во посета на земјава, имаше средба и со вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

– Република Македонија се наоѓа во еден специфичен момент на откочување на евроинтегративните процеси и поддршката која доаѓа од нашите пријатели во Унијата е од исклучително големо значење – истакнал Османи на средбата.