Главна секција „Бомбите“ на опозицијата му однесоа петмина функционери на Груевски

„Бомбите“ на опозицијата му однесоа петмина функционери на Груевски

Со денешното разрешување на Горан Трајковски, директорот на УЈП, тој е петтиот политичар кој настрада откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на 9 февруари, ја објави првата т.н. „бомба“ од прислушувани разговори.

Од Владата на Никола Груевски досега од своите функции си заминаа:

  1. Гордана Јанкулоска, министерка за внатрешни работи;
  2. Сашо Мијалков, шеф на Управа за безбедност и контраразузнавање;
  3. Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски;
  4. Горан Трајковски, директор на Управата за јавни приходи;
  5. Иво Котевски, портпарол на Министерството за внатрешни работи (сега директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ).

Сите овие функционери беа актери во некои од „бомбите“ на опозицијата, а според првите луѓе на СДСМ, тие биле инволвирани во корупција, рекет на претпријатија и на локали за време на избори, манипулации со избирачкиот список, продажба на земјишта, провизии од фирми…

Откако поднесоа оставки до денес, целосно од јавноста исчезна поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Тој последен пат беше забележан во јавноста на 27 јули годинава, во центарот на Скопје, во близина на зградата „Пелагонија“.

Иако е активен на „Фејсбук“ и споделува објави од владините проекти, не присуствува ниту на настани организирани од Владата или од ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, исто така, ја нема во јавоста и на настани организирани од нејзината партија. Но, и таа ажурно ги споделува објавите од премиерот Никола Груевски на „Фејсбук“.

Се чини дека „најактивен“ од сменетите функционери е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Речиси постојано е во медиумите, а последен скандал беше неговото приведување на аеродромот во Белград, Србија, со пиштол, шаржер со муниција и со ракавици во куферот.