Галерија Битолските средношколци со едноминутно молчење за „мртвото образование“

Битолските средношколци со едноминутно молчење за „мртвото образование“

Едноминутно молчење за „мртвото образование“ посветија битолските средношколци на денешниот марш против реформите на Владата во образованието. Се молчеше токму пред вратите на Општината, каде средношколците ги пречека полицијата.

Стотина средношколци маршираа по Широк сокак и бараа да се врати стариот начин на полагање матура и да се укине екстерното тестирање. На Широк сокак ги повикуваа битолчани да го остават кафето и да им дадат поддршка на протестите. Но, ретко кој им се приклучи на мирниот марш. На протестот со своите ученици беа и дел од професорите.

– Тука сме зашто образованието е мртво. Како да одиме напред кога ние тапкаме во место. Како да бидеме горди ние, младите, кога гледаме дека сè се распаѓа пред нашите очи. Минатата година се разбудивме и видовме колку неправди ни нанеле овие надлежни за нашиот образовен систем. Нè осакатија со нивните реформи, но нашите мозоци не се закочени како што е закочен нивниот образовен систем – велат средношколците.

Тие обвинија дека денеска имале големи притисоци од директорите во неколку училишта, па дури наишле и на заклучени врати. Професори од техничкото училиште велат дека инспектори им вршеле контрола и запишувале кој е на настава, а кој е отсутен.

– Директорот на горната гимназија ги заклучил вратите за да не одат учениците на протест сè до шестиот час. И во музичкото училиште им се закануваа на средношколците со казни и со бркање од училиште. Затоа сме само толку собрани – рече Бојан Петровски, средношколец од Битола.