Свет Балкан Битиќи и Папандреу: Интеграцијата е единствен начин за да се создаде регионалнасоработка

Битиќи и Папандреу: Интеграцијата е единствен начин за да се создаде регионалнасоработка

Фото. Мета.мк

Во рамки на Македонскиот енергетски форум – МЕФ 2022 денес се одржа панелот „Преиспитување на регионалната енергетска безбедност” на кој учествуваа заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и Јоргос Папандреу долгогодишен политичар, член на грчкиот парламент и поранешен премиер на Грција.

Панелитистите се осврнаа на повеќе значајни прашања во врска со регионалната интеграција од аспект на економската и енергетската зависност и перспективи.

Вицепремиерот Битиќи истакна дека е потребно многу потемелно да навлегуваме во корените на проблемите поврзани со енергетските предизвици, односно заеднички да се справуваме со причините, а не само да ги решаваме нивните ефекти. Тој потенцираше дека интеграцијата е единствен пат за да се создаде регионална меѓузависност и соработка со што единствено ќе се одрази духот на заедништвото помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.

„Во услови на економска, енергетска и воена криза, КОВИД-19 пандемија, мораме да работиме заедно и да се справиме со енергетската криза и да постигнеме геополитичка сигурност. Интеграцијата помеѓу земјите од Западен Балкан како и земјите членки на ЕУ е единствен начин за креирање на одржлива енергетска независност”, потенцираше Битиќи.

Папандреу истакна дека тој во континуитет се залага за унапредување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и дека изоставувањето на овој регион од европската интеграција претставува безбедносен ризик кој Европа не смее да си го дозволи. Папандреу апелираше дека се потребни итни и неодложни заеднички напори на ЕУ и нашиот регион во обезбедувањето на енергетската сигурност и економската стабилност.

Двајцата панелисти се согласија дека актуелната соработка во енергетиката е важно геополитичко и безбедносно прашање, а двете соседни земји со примери покажаа дека се спремни да земат водство и да им покажат и на нивните европски колеги за додадената вредност на взаемната регионалната соработка и меѓузависност.