Ctrl - Z Бил Гејтс препорачува книга со 72 факти од чешко-канадскиот научник Вацлав Смил

Бил Гејтс препорачува книга со 72 факти од чешко-канадскиот научник Вацлав Смил

Промо сликичка (thumbnail) од видеото на Бил Гејтс за книгата на Вацлав Смил, објавено на Јутјуб.

Американскиот бизнисмен и филантроп Бил Гејтс деновиве промовира научно-популарна книга со факти на чешко-канадскиот научник Вацлав Смил, познат по неговите интердисциплинарни истражувања за енергетските политики и нивното влијание на животната околина и човечкиот род.

Преку написoт „Што можат потта, виното и електрицитетот да нè научат за човештвото“ објавен во рубриката „Факти за животот“ на неговиот блог „Гејтс ноутс“ и преку социјалните мрежи, Гејтс сесрдно ја препорачува книгата „Бројките не лажат: 71 работа што треба ја знаете за светот“ (Numbers Don’t Lie: 71 Things You Need to Know About the World), објавена 2020 година.

Гејтс смета дека во книгата ќе уживаат „сите кои сакаат да учат нови работи“ и има снимено и видео обраќање за неа.

Гејтс изјавува дека Смил е негов омилен автор, но неговите книги се често престручни и комплицирани за широка публика. Затоа многу се израдувал кога ја прочитал „Бројките не лажат…“ бидејќи е напишана со стил разбирлив за сите.

Од 71 факт наведен во книгата, Гејтс издвојува три кои смета дека се особено интересни. Првиот од нив се однесува на човечката еволуцијата. Според Смил, развојот на потните жлезди кај праисториските предци на луѓето е заслужен за развојот на поголем мозок, орган на кој му треба многу енергија за работа.

Така, потењето како метод на регулација на температурата, заедно со трчањето на две нозе, им овозможило на пралуѓето да ловат големи животни со методот на бркање до исцрпување (persistence hunting). Поради тоа нашите предци имале извор на протеини со кој бил поддржан развојот на сè поголеми мозоци.

Овој метод на лов се практикува до денешен ден во пустините на јужна Африка и е документиран од Би-Би-Си во природонаучната емисија „Животот на цицачите со Атенборо“.

Друг факт од книгата на Смил што го истакнува Гејтс е намалувањето на количеството на вино што просечно се пие во Франција по 1950-тите години, на помалку од една третина од  она што се пиело по глава на жител во 1926 г. Гејтс смета дека истражувањето на причините за оваа појава може да поттикне свежо размислување за многу аспекти на животот.

Третиот факт посочен од Гејтс е дека, според Смил, деценијата по 1880 година била најзначајна во поглед на технолошки иновации во модерната историја – поради развојот на електричната струја и моторот со внатрешно согорување. Во иновации од  истиот период спаѓаат и велосипедот, пенкалото и Кока-колата.

Смил верува дека напредокот доаѓа во налети меѓу кои има периоди кога работите не се менуваат. Но нови изуми го менуваат текот на историјата започнувајќи периоди на брзи промени. Така на пример, благодарение на елекричната струја во 1889 година можело да се развијат лифтови, заради кои станало практично да се градат и повисоки згради, што довело до создавање на облакодерите.

Освен што инвестира во промоција на книгата и преку огласи на „Фејсбук“, меѓу другите насочени и за публиката од Северна Македонија, Гејтс обезбедил дозвола членовите/претплатниците на неговиот блог да може да симнат и едно поглавје бесплатно.

Д-р Вацлав Смил е професор во пензија познат по својата работа на Факултетот за животна средина при универзитетот во Манитоба. Роден е во Плзењ во 1943 година. По советската инвазија, 1969 година емигрирал од Чешка, прво во САД, а потоа во Канада. Автор е на 40 книги и над 500 научно-истражувачки трудови за енергетиката, промени во животната околина и населенито, производството на храна, историјата на техничките иновации, проценки на ризик и јавни политики.