Економија Бесими-Вархеји: Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан ќе овозможи побрз економски раст на...

Бесими-Вархеји: Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан ќе овозможи побрз економски раст на регионот

Планот за опоравување од кризата предизвикана од ковид-19 и забрзан економски раст, Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан и планот за Заеднички регионален пазар, беа тема на дискусија на средбата во Брисел помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и комесарот за соседски политики и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.

Реализацијата на овој економски план ќе го трансформира регионот, што ќе води кон посовремени, позелени и подигитални економии како и подобра поврзаност со единствениот пазар на ЕУ.

„Водејќи се од Економско-инвестицискиот план на ЕУ, ја ревидиравме единствената листа на проекти воспоставувајќи приоритети меѓу клучните инфраструктурни проекти, коишто се важни за развојот на државата,“ истакна Бесими.

Тој додаде дека во рамки на Eкономско-инвестицискиот план, државата ќе аплицира за техничка помош и грантови за инфраструктурни проекти, а коишто се дел од единствена листа на проекти.

Во овие рамки се прават напори да се поднесе апликација за инвестициски грант за кофинансирање на железничката делница Крива Паланка-Деве Баир со што ќе се обезбедат средства за финансирање на источниот дел од железничката пруга Коридор 8, а ќе се поднесе и апликација за инвестициски грант за кофинансирање на пречистителната станица Скопје, со што се отвора можност за намалување на заемите.

Економско-инвестицискиот план на ЕУ им овозможува на земјите од Западен Балкан пристап до европски грантови во износ од 9 милијарди евра, а се планира да се обезбедат уште 20 милијарди евра дополнителни инвестиции. И според најконзервативните проекции на ЕК, спроведувањето на инвестицискиот план може да го поттикне растот во земјите од Западен Балкан за најмалку 3,6 процентни поени.

Инвестицискиот пакет се однесува на проекти во клучни области како транспорт, енергија, животна средина, дигитална економија и инвестирање во младите и во приватниот сектор.